Нерешени 29:29 на дуелот на македонските ракометари против Португалија во дуелот од второто коло. Ова е првиот бод за нашите ракометари во групата.
Македонските ракометари имаа два гола негатива по првиот дел од вториот натпревар на Европското првенство против Португалија – 13:15.
Натпреварот во првиот дел беше дури 11 пати со нерешен резултат, а кон средината на полувремето македонските ракометари поради 3 исклучувања имаа 6 минути играч помалку. Никола Маркоски доби и црвен картон во 15. минута.
Во неколку наврати Португалија во напад играше и „7 на 6“.
Почетокот на вториот дел беше во знакот на Португалија која поведе и со 18:13, а по тајм аутот на Лазаров македонските ракометари намалија на два негатива (20:22). Водството на противникот повторно се зголеми, но македонските ракометари не се предаваа и постојано вршеа притисок на противникот и ја намалуваа предноста на Португалија. Со голот на Серафимов во 55. минута прв пат изедначивме во вториот дел.
До крајот се играше гол за гол, а последниот напад на Португалија траеше премногу долго. Во тие моменти голманот Мартин Томовски имаше две одбрани за конечни 29:29.
Кузмановски со 15 голови беше најефикасен на натпреварот. Во вторник противник за македонските ракометари е селекцијата на Романија.