Македонија колумна

Општествен стриптиз

Следствено, после вакво соголување и самоделегитимирање, речиси е излишно и прашањето што тогаш тие слепци правеа цели седум години, зошто не создадоа услови за нормализација на нештата? Па нели за тоа „добија“ – поточно украдоа! – мандат од народот? И на што го потрошија, на полнење на личните жиро сметки?

Општествен стриптиз

Сите историски пресвртни периоди – кај нас оние по 1945 и по 1991 година – без оглед на степенот на нивната радикалност, а овие што ги потенцирам секако беа радикални, се „двовалентни“ односно генерално содржат и позитивни и негативни страни. Прашање е кои превагнуваат, што пак, во крајна инстанца, го квалификува периодот како прогресивен или регресивен. Ние, за жал, немаме консензус ни за оној по 1945 година, не пак за овој по 1991, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.

Несогласувањата за периодот 1945-1990 не се само идеолошки, туку најчесто се субјективно исклучиви, во извесни случаи обременети со несреќни семејни истории, лични трауми и сл. Не велам дека тој период немал свои лоши страни, но во глобала се смета за исклучително прогресивен за Македонија.

Следствено, изгледа логично што и на периодот по 1991 година вообичаено му се пристапува субјективно, квазиисториски и ненаучно, но и задолжително идеолошко-партиски, што пак најчесто води до погрешни судови и проценки на развојот. Едновремено, за одделни етапи/настани, неопходна е поголема временска дистанца (на пример влезот во НАТО, имајќи ја предвид денешната констелација во тој блок!), додека некои други се видливи со „голо око“ и лесно препознатливи, особено оние јавно искажани од директни сведоци односно учесници.

Како што е, на пример, еклатантен непромислениот самообвинувачки исказ на „лидеро“ на сектата што го глуми некогашниот сдсм, кој спротивставувајќи се на иницијативата за укинување на т.н. техничка влада. несвесно го оцрнува и периодот 2017-2024 кога токму неговата партија била власт а тој министер. Зашто, велејќи дека „Укинувањето на техничката влада треба да се случи кога нашето општество ќе биде зрело за тоа“ односно дека  аномалиите од времето кога беше воведена техничката влада се исти во владеењето на актуелната власт, само ја потврдува вистината за нивната неспособност и некомпетентност!

Следствено, после вакво соголување и самоделегитимирање, речиси е излишно и прашањето што тогаш тие слепци правеа цели седум години, зошто не создадоа услови за нормалзација на нештата? Па нели за тоа „добија“ – поточно украдоа! – мандат од народот? И на што го потрошија, на полнење на личните жиро сметки?!

Сакам да кажам: лапсусот односно „искрената“ констатација на „лидеро“ неумитно се самооценува – што и не е голема новост, нели – но и ја потврдува општата квалификација за состојбата во општеството за време на нивното практикување на власта. И кога еден толкав временски след (практично цели седум години во континуитет!) добива таква реално катастрофална оценка од директен учесник, тогаш и останатиот период тешко може да ја пополни празнината во позитива. А впрочем, целиот период беше еднакво катастрофално оценет од уште еден долгогодишен директен учесник во власта – Тито Петковски – кој „се прослави“ со изјавата дека целиот период од осамостојувањето е „едно големо ништо“!

И всушност, ваквите и слични изблици на благоглаголив функционерски стриптиз и јавно себесоголување нѐ воведуваат во неколкуте „добри“ страни на тој период, а за некое идно сведување на сметките за истиот бидејќи доаѓаат од директни актери на високи позиции во разградувањето на општеството. Поточно, ваквите јавни неизнудени признанија се еден од малкуте позитивни аспекти на изминатите трамзициски три децении.

Се разбира, никако не ги заборавам и оние сериозно позитивните, односно оние со сепак големи историски наративи – осамостојувањето, независноста, сувереноста, резултатите од референдумот од 8 Септември итн. –  иако тие, во извесна (историска) смисла, речиси беа неизбежни. За среќа, тогаш, мигот беше препознаен и таа „територија“ беше освоена. Иако не само по наша заслуга!

Но кога требаше да дојде до израз политичкиот сенс и компетентност, капацитетноста, способноста, моралот и професионализмот на македонската интелигенција и (самопрокламираната) политичка елита…, нештата се покажаа во вистинската – погоре соголена – светлина! Тогаш настапи периодот на самоделегитимирање на „кремот“ на општеството, изрти нивниот провинцијализам и неукост, но и алчност, „лесна рака“, криминогеност и коруптивност.

Се покажа дека „освоената територија“ на самостојност, независност и сувереност треба во најголема мера да служи за парцелисување и лични богатења, за разграбување на општествената сопственост низ фингирана приватизација, за „милиони во куферчиња“, за партизирање на државниот апарат, подјармување на судството итн.

Процесот на самоделегитимирање односно грдо општествено соголување стана несопирлив и зафати не само поединци туку и групи, институции, па и идеи! Впрочем, што остана од „ѕвездата“ на процесот на транзиција – демократизацијата на општеството? Ништо, сѐ урна – или беше урната! – во парампарче. Остана само овој смет од нивниот општествен стриптиз, тој нивен „еротски танц“ на глупоста, самосоголувањето, делегитимирањето дури и на малкуте позитивни цртички од тој период!

И сето ова трае до денес, со скандал по скандал, криминал по криминал, црни лица на македонската политика со длабоки џебови и „лесни раце“… Без срам, без почит кон другиот, па и без самопочит – општествена хаварија без преседан. Паралелно со самоделегитимирањето течеше и процесот на обиди за делегитимирање, стигматизирање и понижување на политичкиот неистомисленик, согледан како личен и групен непријател кој треба(ше) да се прикаже како политичка, па често и човечка карикатура.

Сето ова создаде општество на нетрпеливост и (дури) омраза, неконзистентност, неморал и хипокризија, неодговорност и хаотичен развој. И сето ова диктирано од однесувањето на еден општествен слој кој претендира(ше) да биде нарекуван државотворен, демократичен, светилник на правдата и еднаквоста…

Денес ова соголување односно самоделегитимирање добива сериозни патолошки размери на когнитивна дисонанца. По разни поводи, дури и најбанални, како што е, на пример, проектот „Safe city“ којшто, само заради фактот што го имплементира политички противник, се прогласува за недемократски, или измените на законот за пушењето на јавни места се нарекуваат рестрикции на приватност, дискриминирачки закон и слични будалаштини. Низ таквото себесоголување на поединци и цели партии наводно се стимулира дури и слободата на говор, а всушност служи како политикантски параван за навредување на власта и сите кои мислат поинаку.

Особено социјалните мрежи последниве години се претворија во отворена бина на секакви полуписмени стриптизер(к)и кои „критикуваат“ сѐ што е вон нивното когнитивно поле и степен на разбирање на нештата, секој абдал запнал јавно да си го расоблекува „умот“ на својот профил и да дава оценки за сѐ и сешто, па дури и за горливите прашања дома и во светот.

Што е уште пострашно, не разбирајќи го поразителниот ефект на тоа јавно соголување, тој тренд има тенденција да се разгорува, да добива срамни размери на кавгаџиски натпревар во навреди и пцости. Кога пак тоа станува модус вивенди и на наводно угледни политичари, претседатели на партии, на универзитетски професори – па видете го оној стриптиз на цел Правен факултет и на дел од новинарската фела! – и „стручњаци“, тоа е јасен знак за заболено општество во коешто се инфилтрирале заразни социопатски елементи завземајќи високи позиции во општествената хиерархија.

Којашто де факто тоа веќе и не е туку дефинитивно јавно се соголи во улична орда политикантски насилници кои уриваат сѐ пред себе!

Се разбира, ова е само еден но важен аспект на овој транзициски период којшто можеби испраќа сигнал дека граѓанинот веќе нема што да очекува од овие и вакви транзициски соголени политиканти и мора – еднаш за секогаш – да ги шутне во подрумот на македонската политика. И токму затоа го сметам за „позитивна“ страна на овој период: барем знаеме со кого си имаме работа!

Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО

Најнови вести од Македонија

To top