Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, потврди дека нема намера да го напушти тимот на Ред Бул пред истекот на неговиот договор, кој важи до крајот на 2028 година.
Тоа го изјави во интервју за швајцарскиот весник „Блик“.
Иднината на холандскиот возач беше предмет на голем број шпекулации, особено во првата половина од сезоната 2025.
Се зборуваше дека тој би можел да премине во Мерцедес, но Ферстапен не успеа да ја активира клаузулата за предвремено ослободување од договорот. Така, тој ќе продолжи да вози за Ред Бул и во сезоната 2026.
„Сега имам 28 години и сум под договор со Ред Бул до крајот на 2028 година. Сакам да го одработам мојот договор и во оваа фаза ја исклучувам можноста за промена на тимот. Штета е што нема да го имам мојот пријател и ментор Хелмут Марко покрај мене во 2026 година“, рече Ферстапен.