Ракомет

Јакобсен: Македонците се прва од деветте пречки до целта – европската титула!

Јакобсен: Македонците се прва од деветте пречки до целта – европската титула!

Селекторот на данската ракометна репрезентација, Николај Јакобсен, со доза на респект, но и со јасна самодоверба, зборуваше за првиот предизвик на ЕП

Искусниот стратег истакна дека отворањето на еден голем турнир секогаш носи специфична тежина, без разлика на противникот.

„Првиот натпревар секогаш е малку чуден, затоа што допрва влегуваш во турнирот и го бараш вистинскиот ритам“, изјави Јакобсен.

„Имаме искуство од вакви ситуации, а 15.000 дански навивачи сигурно ќе ни помогнат многу“, додаде тој.

Јакобсен отворено призна дека неговиот тим ја има улогата на фаворит, но предупреди дека тоа не смее да доведе до опуштање, особено против млада и мотивирана селекција како Македонија.

„Македонците имаат млад тим. Ние сме големи фаворити и тоа го знаеме, но првиот натпревар секогаш е посебен. Влегуваме свесни за тоа што треба да го направиме. Знаеме дека за титулата ќе ни бидат потребни девет победи, а првата започнува во петок“, нагласи Јакобсен.

За крај, данскиот селектор испрати порака која најдобро ја отсликува самодовербата на неговиот тим, заснована на квалитет, континуитет и искуство од највисоко ниво.

„Имаме огромна доверба во себе. Можеме да се погледнеме во огледало и да кажеме дека, ако играме навистина добро, ние сме многу тешки за победување“, заклучи Јакобсен.

Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра на 16 јануари од 20:45 часот.

To top