Министерот за европски прашања, Беким Сали, денес оствари работна средба со амбасадорот на Република Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер, на која се разговараше за процесот на европска интеграција на државата, реформските приоритети и билатералната соработка меѓу двете земји.
На средбата, министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка на Франција за европскиот пат на Македонија, како и за конкретниот придонес во јакнењето на институционалните капацитети и спроведувањето на клучните реформи. Тој нагласи дека процесот на интеграција во Европската Унија и поврзаните реформи ќе бидат врвен приоритет во неговата работа како министер за европски прашања.
Двете страни разменија мислења за актуелните развојни текови во политиката на проширување на ЕУ и за важноста од задржување на реформскиот интензитет, користејќи го позитивниот моментум во регионот. Министерот Сали ја истакна посветеноста за зајакнување на координациската улога на Министерството за европски прашања, оперативизацијата на националните структури за преговори и Реформската агенда, како и подобрување на апсорпцијата на ЕУ фондовите.
Во фокусот на разговорите беше и тековната состојба во пристапниот процес, вклучително и исполнувањето на обврските од скрининг извештаите, финализирањето на патоказите за Владеење на правото и Реформата на јавната администрација, како и напредокот во други барања поврзани со функционирањето на демократските институции.
Министерот Сали нагласи дека Република Македонија останува целосно посветена на европската агенда, задржувајќи целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како јасен показател за стратешката определба за членство.
Во таа насока, беше оценета и соработката со „Expertise France“ и Француската агенција за развој (AFD), како и програмите за поддршка во областа на институционалниот развој и јакнење на административните капацитети, кои директно придонесуваат за усогласување со ЕУ стандардите.
На крајот, двајцата соговорници ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката во области од заеднички интерес, како енергијата, дигиталната трансформација, инфраструктурата, образованието и културата, како и за продолжување на тесната координација во поддршка на политиката на проширување на ЕУ.