Младите од Делчево наскоро ќе добијат свој Младински центар, кој ќе функционира како сервис за млади со цел нивно обединување, мотивирање и активно вклучување во општествениот живот, информираше градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.
Во моментов во тек е уредување и опремување на просторот во зградата на старото собрание, кој по предлог на градоначалникот и по донесена одлука на Советот на Општина Делчево, е отстапен на користење за потребите на Младинскиот центар.
Гоцевски денеска изврши увид во подготовките на просторот, при што истакна дека за краток период е решено просторното прашање и дека опремувањето на центарот е во завршна фаза.
-Овој центар ќе ја поттикнува младинската енергија, идеите и креативноста на младите во Делчево и ќе придонесе за создавање одговорни млади луѓе, активно вклучени во носењето одлуки. Просторот е создаден за младите и тие ќе имаат целосна поддршка за своите идеи и иницијативи, нагласи Гоцевски.
Младинскиот центар е замислен како отворен и инклузивен простор, достапен за сите млади, со цел да се поттикне нивната активност, вмрежување и учество во заедницата. Во него ќе се реализираат едукативни, културни и креативни активности, работилници, обуки и младински иницијативи, а младите ќе можат да добиваат информации, поддршка и можности за развој на сопствени идеи и вештини.
Согласно Законот за младинско учество и по спроведен јавен повик, за управување со Младинскиот центар Делчево е избрана Организацијата ЖЕНА Делчево, додека Општина Делчево има обврска да обезбеди финансиски средства од општинскиот буџет за негово функционирање.
Со отворањето на Младинскиот центар, Општина Делчево прави значаен чекор кон унапредување на младинските политики и создавање простор каде младите ќе можат активно да придонесуваат кон развојот на локалната заедница.