На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.
Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…
Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21)
Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање.
Како што може да се види „Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.“ Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето.
Како што се пее во еден тропар „Слегувајќи Спасителот при родот човечки го прими повивањето во пелени; не се одврати од плотското обрезание…“ Христос, како што од љубов и човекољубие го прими повивањето со пелени, така го прими и плотското обрезание. Тоа крајно снисходење и понижување Христово, од црквата се смета за голем Господов празник.“
Треба да се спомене и тоа дека Исус со обрезанието покажа дека примил вистинска човечка природа. „Тоа е многу значајно, затоа што во древната црква се појавила една ерес која се нарекува докетизам и која тврдела дека Христос не прими вистинска човечка природа, вистинско човечко тело, туку привидно тело.“ Во таа смисла обрезанието има врска и со крштевањето. Зашто, ако како што вели свети Јован Златоуст „плотското обрезание ги одделуваше Израелците од јазичниците“ со светото крштение се одделувале верните од неверните. „Луѓето со обрезанието стануваа добри Израелци, избран народ Божји. Со Крштението и воопшто со животот во Христа луѓето стануваат деца Божји, го стекнуваат посинувањето по благодат и ја победуваат смрта.“
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска.
Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.
Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година.
Житие
Обрезание на Господ Исус Христос
Во осмиот ден по раѓањето Божествениот Младенец Го донесоа во храмот и според постоечкиот закон во Израилот, како што беше од времето на Авраам, Го обрезаа. Тогаш Му го дадоа името Исус, онака како што ? благовестеше на Пресветата Дева архангелот Гавриил. Старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Обрезанието на Господ покажува дека Тој на Себе прими вистинско човечко тело а не привидно, како што подоцна учеа еретиците. Уште Господ е обрезан и затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Самиот го дал преку Пророците и Праотците. Откако ја исполни таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос ја замени со Крштението. „Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила ниту необрезанието, туку новата твар“ (Гал. 6, 15), објавува апостолот. (Во црковното богослужење овој Господов празник нема ниту претпразненство ниту попразненство).
Тропар
Ти, Кој седиш во огнозрачен престол на висините, со Твојот беспочетен Отец и со Божествениот Дух, си благоволил да се родиш од неискусомажна девојка – Твојата Мајка, Исусе! Поради тоа си бил и обрезан како човек осмодневен. Слава на Твојот себлаг совет; слава на Твоето снисходење, единствен Човекољупче!
Кондак
Господарот на вселената трпи обрезание и, како добар, ги отстранува човечките прегрешенија; денес на светот му дава спасение, а во висините се радува и Создателовиот светлоносен ерарх и божествен Христов тајник Василиј.
Свети Василиј Велики, архиепископ Кесариски
Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа Св. Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики со полна заслужност. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата: апологетски, богословски, подвижнички и канонски; и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината, и тоа: на 1 јануари, наспроти Божик, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ Преданието за „Василопитата” или лебот на свети Василиј Велики Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.
Тропар
Твоето учење се рашири по целата земја, и таа го прими твоето слово; преку него си поучувал долично за Бога, си ја појаснил природата на Света Троица, и си го поправил однесувањето на луѓето. Светителу со царско име, оче преподобни, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак
Ти се покажа непоколеблив темел на Црквата, давајќи им на сите луѓе неукрадливо господство, запечатувајќи го со Твоите заповеди, преподобен Василие, откривачу на небото.