Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека денеска безбедно е отстранета ретка неексплодирана минофрлачка граната од 70 mm од Првата светска војна пронајдена во индустрискиот дел на Општина Богданци.
– Денеска, кон пладне е пријавено од СВР Гевгелија дека во Општина Богданци од индустрискиот дел на Општината е пронајдено неексплодирано убојно средство (НУС). Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) стручно лице, пиротехничарот Зоран Пеев, веднаш излегол на лице место и утврдил дека се работи за ретка минофрлачка граната од 70 mm што е НУС од Првата светска војна, се посочува во соопштението од ДЗС.
По безбедносните проверки на состојбата на неексплодираната граната, согласно пиротехничарските, деминерски, стандардни оперативни процедури, гранатата е безбедно подигната од местото каде е пронајдена и се транспортира за понатамошна постапка за нејзино уништување, наведуваат од ДЗС.