Двајцата француски сопственици на барот во Кран-Монтана, во кој избувна смртоносниот пожар на новогодишната ноќ, се испрашани од истражителите, изјави обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу.
– Сè укажува на тоа дека пожарот почнал од запалени прскалки на шишиња шампањ кои биле премногу блиску до таванот. Брзо се запалил, а потоа пламенот се проширил многу брзо низ целиот објект, рече Пилу.
Според обвинителката, истражителите се повеќе склони да веруваат дека причина за пожарот биле свеќи-прскалки од типот што се ставаат на роденденските торти и се продаваат во секоја продавница, но засега ништо не може да се каже со сигурност.
Сè уште не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата во барот, додаде обвинителката и изјави дека не може да каже кога е извршена последната пожарна инспекција таму.
Таа на прес-конференција изјави дека лицата кои биле повикани да дадат информации не биле сослушани како мерка на претпазливост, пренесува Скај њуз.
– Доколку постои ризик од бегство, може да преземеме потребни мерки, но засега не е утврдена кривична одговорност, рече таа.
Сопствениците на барот се брачен пар од Корзика, кои имаат неколку ресторани во тој дел од Швајцарија.
Истрагата се фокусира и на тоа дали звучната изолација на таванот на барот можеби играла улога во ширењето на пламенот. Во исто време, полицијата во Кран-Монтана соопшти дека досега немало пријави за какви било безбедносни нерегуларности во барот.