Повреденото дете во новогодишната ноќ кое беше примено на Клиниката за неврохирургија во Скопје, утрово почина како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело, изјавија од Клиниката за МИА.
-За понатамошни толкувања ќе почекаме резултати од судско-медицинските испитувања и иследувањата од страна на МВР, пишува во одговорот на прашањата на МИА.
Мајката на детето која има 21 година, објаснила дека излегле надвор да гледаат гномет, кога слушнала звук, па си го видела детето крваво.
-Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со 21-годишната мајка Г.Д. која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Претходно денеска, Јавното обвинителство издаде наредба за обдукција на телото на двегодишното дете.
– Во однос на починатото двегодишно дете, Основното јавно обвинителство – Скопје издаде наредба за обдукција на телото, соопштија од Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента – убиство на турски државјанин со нож, во Скопската чаршија, и случај на тешко повредено двегодишно дете, на, како што рече, засега непознат начин, кое било во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар-Скопје.
Тошковски посочи дека повредата на детето е од „метален фрагмент кој во тој момент не можел детално да се специфицира“.
– Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста, рече Тошковски.