Австралиско-сиднејската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија на протојереј-ставрофор отец Спасе Стефановски, му доделија признание по повод неговиот јубилеј – 65 години од ракополагањето за свештеник.
-Денес со особена радост беше извршено доделување на признание: благодарствена плакета, писмени честитки и подарок – свет крст на сепречесниот протојереј-ставрофор отец Спасе Стефановски, по повод неговиот исклучителен и редок јубилеј – 65 години од ракополагањето за свештеник. Овој свечен и благодарствен чин претставуваше видливо и јавно сведоштво за длабоката благодарност на македонскиот православен народ кон неговата долгогодишна, пожртвувана и благословена пастирска служба помеѓу македонците во Австралија. Во текот на повеќе од шест децении, отец Спасе со смирение, ревност и пастирска мудрост му служеше и служи на Господа и на верниот народ, оставајќи трајна духовна и организациска трага во животот на Македонската православна црква, особено меѓу македонските заедници во дијаспората, наведуваат од Австралиско-сиднејска епархија при МПЦ – ОА.
Плакетата и честитките беа врачени во име на Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ – ОА, како и во име на Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија, како израз на почит кон неговата улога како парохиски свештеник, духовен раководител и архиерејски заменик.
Воедно, се додава, му беше предаден и подарокот – свет крст, дар од Епархискиот управен одбор, како симбол на крстоносната, пожртвувана и благословена служба што достоинствено ја носеше низ годините.
Од Македонската православна епархија за Австралија и Сиднеј, му посакуваат на отец Спасе крепко здравје и духовна радост, а неговиот живот и служба да останат светол пример и сведоштво за верноста кон Христос и Неговата Црква.