Никола Иванов – Балтон е роден во Штип во 1948 година. Тој бил истакнат македонски академски сликар и генерален секретар на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Петар Мазев. Живеел и творел во Скопје.
Доминантно место во севкупниот творечки опус на Иванов има сликарството, но тој еднакво се интересирал и за ликовните медиуми – витраж и мозаик, создавајќи многубројни дела во овие две техники.
Има учествувано на повеќе групни изложби и колонии кај нас и светот, меѓу кои во Белград, Подгорица, Денизли, Париз, Вилмингтон, Њујорк, Детроит, а се претставил самостојно на дваесеттина изложби во Скопје, Битола, Струмица, Охрид, Софија, Белград, Лејза (Швајцарија), Подгорица и Париз.
Добитник е на бројни награди:
1970 Млади сликари на Град Скопје
1984 Откупна награда од ФАС “11 октомври”
1986 Музеј на современа уметност, “Аквизиции VI”
1994 “Лазар Личеноски”,Скопје
2011 Нерешки мајстори
Балтон повеќе од четири децении беше присутен на ликовната сцена. Инспириран од македонското поднебје тој создаваше пејзажи и предели. Неговото име се спомнува и како прв соработник на Петар Мазев при изведбата на големиот мозаик во Спомен костурницата во Велес.
Починал во Дојран на 31 декември 2012 година.