Натпреварот од 21. коло во Евролигата меѓу Хапоел Тел Авив и Париз, кој првично беше закажан за петок, 9 јануари, ќе биде одложен, пренесува Томер Гивати од „Израел Хајом“.
Причината за можното одложување се компликациите околу патувањето на францускиот тим. Париз на 7 јануари треба да гостува кај Ефес во Истанбул во рамки на 20. коло, а потоа патувањето кон Израел би морало да се реализира со прелет преку друга дестинација.
Според правилата на Евролигата, за време на т.н. „двојни кола“ е задолжително директно патување, а со оглед на тоа што во моментов нема директни летови од Истанбул до Тел Авив, натпреварот речиси сигурно ќе биде поместен за друг термин.
Хапоел Тел Авив веќе поднел официјално барање до управниот одбор на Евролигата, од каде што се очекува во наредните денови да биде објавено и официјално соопштение. Според најавите, натпреварот би можел да се одигра во текот на февруарската репрезентативна пауза.