Македонија

Избран изведувач за изградбата на 400 kV интерконекција Битола-Елбасан, МЕПСО го рестартира проектот

Избран изведувач за изградбата на 400 kV интерконекција Битола-Елбасан, МЕПСО го рестартира проектот

Меѓународен конзорциум предводен од DALEKOVOD d.d. од Хрватска е избран за најповолен понудувач на тендерот за изградба на 400-киловолтната интерконекција Битола – Елбасан (Компонента 1: ДВ од ТС Битола 2 преку ТС Охрид до македонско-албанската граница), со што Македонскиот електропреносен оператор, АД МЕПСО, ја предолжува реализацијата на проектот за којшто беше раскинат договорот со претходниот изведувач.

АД МЕПСО попладнево соопшти дека изборот е извршен по спроведената меѓународна постапка преку системот за е-набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), отворен на 25.04.2025 година, и по детална евалуација на пристигнатите понуди.

Вкупната вредност на прифатената понуда изнесува 19.696.200,85 евра, а со потпишувањето на Договорот ќе започне реализацијата на работите со рок на извршување од 900 дена (30 месеци), најавува МЕПСО.

Со овој чекор, компанијата официјално го рестартира проектот кој ќе ја воспостави клучната енергетска поврзаност помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

АД МЕПСО во соопштението потенцира дека целата постапка била водена согласно строгите политики за набавки на ЕБРД, што, велат, претставува гарант за транспарентност и објективност.

– Овој избор доаѓа по стратешки неопходната одлука на раководството за раскинување на претходниот договор кој го компромитираше и одолговлечи проектот. Таа постапка беше водена строго според меѓународните ФИДИК (FIDIC) стандарди. Во насока на заштита на државниот интерес и финансиска ефикасност, АД МЕПСО обезбеди континуитет на инвестицијата: 51,2 проценти од потребната опрема е веќе испорачана од претходниот изведувач, таа е во сопственост на МЕПСО и ќе биде вградена од страна на новоизбраниот изведувач, со што се спречи финансиска штета по компанијата, се вели во соопштението.

Реализацијата на овој проект, појаснуваат, го затвора единствениот отворен крак во нашиот преносен систем, овозможувајќи комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 и значајно подобрување на напонските прилики во југозападниот дел на земјата.

Најнови вести од Македонија

To top