Денеска во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, потпишаа Меморандум за разбирање меѓу двете институции.
Овој меморандум претставува важен чекор во зајакнувањето на соработката меѓу високото образование и владините институции, создавајќи директни мостови за размена на знаења и практични искуства.
Конкретно, тој овозможува реализација на професионална пракса за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Кабинетот на заменик-претседателот на Владата, како и активно вклучување на академскиот кадар и универзитетските експерти во работните групи, проектите и иницијативите поврзани со политиките на добро владеење, транспарентноста, отчетноста и дигитализацијата на административните процеси.
Во контекст на 9-годишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ – институција која придонесува во образованието и во промоцијата на мултикултурните вредности во Македонија – оваа соработка доаѓа како продолжение на претходно најавените ангажмани за поддршка на младите и интеграција на академското знаење во државните процеси на донесување одлуки.
„Ова е важен чекор кон приближување на младите до процесите на донесување одлуки и обезбедување практично искуство што ќе ги подготви за пазарот на труд, истовремено придонесувајќи за градење на потранспарентно и поефикасно владеење“, изјави заменик-претседателот на Владата Арбен Фетаи по потпишувањето.
Од своја страна, ректорот проф. д-р Беким Фетаји истакна дека „соработката со централните државни институции е приоритет на Универзитетот „Мајка Тереза“ за подигнување на квалитетот на образованието, развој на иновативни проекти и директен придонес во развојот на нашето мултиетничко општество“.
Овој меморандум се очекува да отвори нови можности за студентите и академскиот кадар, промовирајќи ги вредностите на добро владеење и зајакнувајќи ја врската меѓу академската теорија и институционалната пракса.