По пораз од Феникс со само еден поен разлика 98:99 вчера на гостински терен, лидерот на Голден Стејт Вориорс, Стеф Кари, призна дека неговиот тим не е доволно силен.
-Ако сакате да бидете добар тим, мора да бидете способни да ги надминете ваквите работи. Ние очигледно не сме добар тим во моментов, а тоа се гледа по нашите резултати и фактот дека постојано се наоѓаме во вакви ситуации одново и одново, рече Кари по натпреварот во кој шутираше 3 од 14 од поле.
Голден Стејт загуби 10 од последните 14 натпревари и има резултат 5-10 во натпреварите решени во последните минути. Вчера, тимот ја пропушти предноста од 14 поени што ја изгради во третата четвртина, имаше 20 изгубени топки.
Голден Стејт вориорс се наоѓа на 9.место во Западната конференција со 13 победи и 15 порази по 28 одиграни натпревари. (МИА)