Пиењето кафе наутро е задолжителен „обред“ за многу луѓе – дури и пред појадокот. Кафето нè буди и ни овозможува миг на опуштање пред да ги почнеме дневните обврски. Мнозина го пијат утринското кафе веднаш по будењето, пред да јадат.
Тука се поставува прашањето: Дали е здраво да се пие кафе на празен стомак?
Кофеинот ни ја дава потребната енергија, но проблемот може да биде тоа што кафето содржи многу киселост. На пе-ха-скала од нула до 14 – при што сè под седум се смета за „кисело“, кафето е некаде меѓу 4,8 и 5,1, пишува хрватскиот портал „Центар здравља“ (Centarzdravlja .hr).
Кафето пред појадок не е нужно лошо за вашиот стомак, бидејќи киселоста, според неодамнешните истражувања, не ја оштетува слузницата на желудникот, ниту го зголемува ризикот од дигестивни проблеми – сепак може да предизвика привремена иритација, особено кај луѓе со киселински рефлукс. Американкиот гастроентеролог д-р Суприја Рао се согласува, но таа препорачува пиење кафе со барем малку храна, што може да дејствува како „заштитен слој“ и да ги ублажи непријатните последици како болка, дијареја или непријатност кај чувствителен стомак.
Можни последици од пиење кафе на празен стомак
Покрај тоа што може да ја зголеми желудочната киселина или да предизвика болка во градите, луѓето со чир на желудник може да доживеат и дополнителна непријатност бидејќи киселоста во кафето дополнително ја иритира чувствителната слузница на желудникот.
За некои луѓе, пиењето кафе наутро им помага во делотворно прочистување на цревата, но за други, постојат потенцијално негативни последици. Тоа може да предизвика и надуеност, грчеви или болка, особено при синдром на иритабилни црева (ИБС). Бидејќи ИБС често вклучува дијареја, запек или и двете, експертите препорачуваат намалување на внесот на кафе ако ги почувствувате овие симптоми.
Кафето може и да нѐ направи понервозни. Пиењето кафе без храна, имено, го зголемува ефектот на кофеинот бидејќи побрзо влегува во крвотокот, што може да предизвика нервоза, немир, вознемиреност или забрзан пулс.
Може да ги зголеми и нивоата на шеќер во крвта. Истражувањата покажуваат дека овој ефект е поизразен кога кафето се консумира на празен стомак, во споредба со пиењето кафе со оброк, особено кај луѓе со дијабетес или висок шеќер во крвта.
Кафето веројатно нема да предизвика сериозно оштетување на вашиот дигестивен систем на долг рок, па ако не ви пречи, пиењето на празен стомак обично не е проблем. Меѓутоа, ако забележите непријатни симптоми како рефлукс, болка, надуеност или треперење и не сакате да се откажете од вашиот утрински ритуал, постојат начини да ги ублажите овие ефекти.
Следат неколку совети што може да се испробаат. Како прво, може да додадете малку обезмастено млеко во кафето. За некои луѓе, млекото во кафе помага во намалување на киселоста и ублажување на симптомите на рефлукс, но важно е да се избегнува полномасно млеко бидејќи тоа може да ги влоши симптомите како што се надуеност и гасови. Ако сте интолерантни на млечни производи или имате чувствителен дигестивен систем, може да се користат и алтернативи на растителна основа, како бадемово или овесно млеко.
Пробајте потемно печено кафе. Истражувањата покажаа дека темното печено кафе е малку помалку кисело од полесното печено.
Следниот совет гласи: Јадете барем малк. Тост, банана или малку јогурт „го премачкува“ желудникот и ги ублажува сите потенцијални тегоби во варењето.
Кога да побарате медицинска помош за рефлукс?
Бидејќи кафето, како и друга храна како што се агруми, зачинета или пржена храна, може да го влоши рефлуксот, задолжително посетете го вашиот лекар. Ако често ги доживувате следниве симптоми: печење во градите, враќање на храна или киселина во грлото, болка во горниот дел од стомакот или градите, тешкотии при голтање или грутка во грлото – сѐ тоа може да бидат знаци на гастроезофагеална рефлуксна болест – хроничен рефлукс на киселина што бара третман. Вашиот лекар може да препише лекови или да препорача соодветни тестови.