Јована Тренчевска, актуелна пратеничка од СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика во владата на Димитар Ковачевски, е нова потпретседателка на СДСМ. Втор потпретседател е Александар Трајановски, член на претходниот состав на Извршниот одбор на СДСМ, по професија специјалист ортопед и трауматолог. Како кандидат за градоначалник тој ги изгуби изборите во Општина Аеродром, но сепак доби висока функција во партијата. Неговиот избор не беше изненадување – Филипче уште по локалните избори најави дека ќе го предложи Трајановски за партиски потпретседател, „бидејќи имал одлична кампања и привлекол големо внимание“. Тој и Tренчевска беа избрани на синоќешната седница на Централниот одбор на партијата, пишува Катерина Блажевска за Дојче Веле.
Тим за борба против ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН
За изборот на двајцата нови потпретседатели на прес-конференција синоќа информираше партискиот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Наведе дека на функцијата Генерален секретар на СДСМ останува досегашниот – Александар Саша Димитријевиќ, а Љупчо Фармаковски останува на функцијата Организациски секретар на партијата.
Промени има во составот на Извршниот одбор.
„Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите (…) Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“, најави Филипче.
На седницата на ЦО се дискутирале многу аспекти, меѓу кои и за ширење на партиската платформа со повикување на многу граѓански организации, независни поединци, и интелектуалци, а бил формиран и Совет на партијата.
„Тој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните“, изјави Филипче, потсетувајќи и на Антикорупцискиот тим кој ќе се занимава со разоткривање на корумпирани шеми на власта.
Кои се членови на ИО?
Новоизбраните кадри во раководството и органите на партијата, Филипче ги најави како тим кој ќе стави крај на политиките на власта.
„Ние сме тие кои цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“, рече претседателот на СДСМ.
Во обраќањето не ги наведе имињата на новите членови на Извршниот одбор, а дел од нив ги посочи како одговор на новинарско прашање.
„Еден дел од членовите на ИО се Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, актуелен директор на Центарот за аналитика во партијата, досегашните членови Симона Цветановска, Рената Младеновска, Петар Огненовиќ е нов член, Андреј Жерновски, а другите имиња на членовите на ИО ќе ги споделиме непосредно по оваа прес-конференција“, најави тој.
Поранешни директори на затвори
Меѓу оние кои не ги спомна, а чии имиња се објавени на веб- страницата на СДСМ, се Агрон Демири, Дејан Трајчев, Андреј Бислимовски, Наташа Поповиќ. Член на ИО е и Александар Наумоски, поранешен градоначалник на Општина Ѓорче Петров (2017-2021) и поранешен директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Уште еден поранешен директор на тој затвор стана член на ИО: Филип Андов, кој е обвинет за злоупотреба на службена положба, во врска со овозможување затвореници да излегуваат од затворот до нивните домови или на приватни локации, спротивно на сите законски процедури. Нивен колега во ИО е Драган Крајовски, поранешен претседател на ОО на СДСМ Битола разрешен во октомври 2024 година. Овој адвокат во мандатот на СДСМ беше директор на битолскиот затвор „Црн мост“. Битолски медиуми потсетуваат дека бил близок до поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство.
За изненадување се смета враќањето на Јон Фрчкоски во органите на партијата, кој во март годинава се повлече од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, откако на социјалните мрежи беа објавени компромитирачки фотографии, кои го доведуваат во врска со наводна употреба на бела прашеста материја. Фрчкоски тој потег како и критиките од ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како обид да се дефокусира јавноста од катастрофалниот начин на кој се води истрагата за трагедијата во Кочани. Наведе дека не се гордее со грешките од минатото и слабостите во младоста, но дека тие нема да бидат товар за СДСМ и од морални причини се повлече од позицијата пред 8 месеци.
Што е ново, што е „сино“?
Кадри на партијата, кои по оставките на раководството и најавените длабоки промени во СДСМ во изјави за ДВ искажаа оптимизам за перспективите на партијата, вчера одбија да ги коментираат кадровските промени. Еден од соговорниците кусо изјави „немам коментар ни очекувања“. Според друг, ова наликувало на неуспешен ритуал за подготовка на невеста – да носи нешто ново, нешто старо, нешто позајмено и нешто сино.
„Во случајов не знам што е ново, а камоли ‘сино’“, изјави тој алудирајќи на изгубена идеологија на партијата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение се осврна на кадровските промени во СДСМ со оценка: „Стари лица на Заев заедно со Филипче го доприватизираа и раскрчмија СДС“.
„Ова е убедливо најлошиот состав на СДС и Зоран Заев. Приватизацијата на СДС завршува, наредниот чекор е жесток стечај“, наведува владејачката партија во соопштението, во кое има коментари за дел од избраните кадри и нивниот минат труд.