Поранешната шпанска тениска ѕвезда Аранча Санчез Викарио е осудена на условна затворска казна поради измама, соопшти денеска судот во Барселона.
Санчез Викарио (52) и нејзиниот поранешен сопруг Жозеп Сантакана, заедно со уште три лица, се осудени поради прикривање имот со цел да избегнат плаќање долг од 7,6 милиони евра на луксембуршката банка „Banque de Luxembourg“, вклучувајќи и камати.
Поранешната шпанска тенисерка нема да отслужи затворска казна под услов да не го прекрши законот во следните две години.
Санчес Викарио и нејзиниот сопруг, кои се разведоа во 2019 година, го отфрлија обивението, а Сантакана е осуден на три години и три месеци затвор, се наведува во судското соопштение.
Санчез Викарио го обвини Сантакана, тврдејќи дека тој располагал со нејзините пари и оти не била свесна за незаконските активности на својот поранешен сопруг, кој на банката треба да ѝ плати отштета од 6.6 милиони евра.
Големото име на шпанскиот женски тенис, Санчез Викарио, три пати триумфираше на Ролан Гарос, а ја освои титулата и на Ју Ес Опен, пред да се пензионира во 2002 година. (МИА)