Македонија

Трајков: Зачувувањето на идентитетот не е само обврска, тоа е чин на љубов кон татковината

Трајков: Зачувувањето на идентитетот не е само обврска, тоа е чин на љубов кон татковината

По повод 21-годишнината од основањето на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторја Трајков присуствуваше на свечената академија во Лесковац, во просториите на Културниот центар. На настанот беше истакната долгогодишната улога на Советот во заштитата, унапредувањето и афирмацијата на правата, културата и идентитетот на македонската заедница во Србија, се вели во сооштението од Министерството за европски прашања, што МИА го објавува интегрално.

Во своето обраќање, заменик-министерката за европски прашања изрази благодарност за напорите што Советот ги вложува две децении наназад, нагласувајќи дека зачувувањето на јазикот, културата и традицијата е од суштинско значење за секоја заедница која живее надвор од матичната држава.

,,Овој јубилеј не е само датум. Тоа е потсетник на напорната работа, на трпението, на храброста да се зачува јазикот, културата и традицијата во заедница која живее надвор од својата матична земја, но никогаш не ја заборава. Македонскиот дух отсекогаш знаел да опстои — и таму каде што е малуброен, и таму каде што историјата го ставила на испит. Токму затоа, денеска оддаваме чест на сите што го носат тоа наследство со гордост” рече Трајков.

Таа истакна дека институциите ќе продолжат да бидат партнер и поддршка на македонското национално малцинство во неговите активности и развој.

,,Националниот совет е мост меѓу двете држави, но и меѓу генерациите. Благодарение на него, младите Македонци во Србија имаат можност да учат за своето културно богатство, да го негуваат својот јазик и да ја чувствуваат поврзаноста со корените, без разлика каде живеат. Таа врска е нашата најголема сила” истакна заменик-министерката за европски прашања.

Настанот заврши во дух на заемно почитување, со порака за понатамошна соработка, единство и унапредување на положбата на македонската заедница во Република Србија.

To top