Бугарскиот Парламент утре во 13:30 часот (12.30 по македонско време) ќе гласа за предлог-одлуката за изгласување недоверба на Владата на Росен Жељазков. Ова го најави претседателката на Народното собрание, Раја Назарјан, по завршувањето на дебатите за недоверба, кои траеја околу четири часа.
Согласно Деловникот за работа на Народното собрание, гласањето за предлог-одлуката може да се спроведе најрано 24 часа по завршувањето на расправата. Гласањето недоверба се смета за успешно доколку за него гласаат повеќе од половина од сите народни претставници.
Шестиот по ред предлог за изгласување недоверба на Кабинетот „Жељазков“ беше поднесен минатиот петок од коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и поддржан од „Алијанса за права и слободи“ (АПС) и „Морал, единство, чест“ (МЕЧ). Причината за поднесувањето е „неуспех во економската политика“.
Ескалација на незадоволството и протести
Бугарскиот Парламент дебатираше за шестото гласање недоверба против Владата, кое е мотивирано со „неуспехот во економската политика, што доведе до едни од најголемите протести во Бугарија“.
Граѓанското незадоволство против Владата ескалираше кон крајот на ноември, поттикнато од големото зголемување на владините расходи, растечкиот државен долг, а особено предлогот за зголемување на придонесите за социјално осигурување за два проценти, што директно ќе ги погодеше сите вработени Бугари во приватниот сектор.
Протестите беа свикани од „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, а на први декември, стотици илјади Бугари излегоа да протестираат во Софија и низ целата земја. Особено беше забележано масовното учество на младите Бугари родени по 1997 година, т.н. генерација Зет, пишуваат локалните медиуми..
Ова ја натера коалицијата ПП-ДБ да го преиспита својот првичен план и да објави дека ќе поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата, бидејќи „тоа го бараат бугарските граѓани“. Гласањето недоверба беше поднесено од шеесет и еден пратеник од „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, „Алијанса за права и слободи“ и МЕЧ. (МИА)