Буџетот е крвната слика на државата, стратешки документ во кој се насликани приоритетите на граѓаните. Сите знаеме дека закрепнувањето на економијата е најважната работа која влијае врз животниот стандард, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната собраниска седница на која се дискутира за Предлог-буџетот за 2026 година.
За жал, посочи Петкоска, поминавме години кога и небото не беше граница за висината на јавниот долг, а дното на буџетската дупка немаше крај, но за среќа денес говориме за стабилизирање на јавните финансии со, буквално, воена дисциплина при трошењето на народните пари.
„Инвестициите, инфраструктурните проекти, поддршката на приватниот сектор, како и транспарентноста и отчетноста во работата кои веќе станаа препознатливи и видливи во работењето на Владата, ми даваат за право, конечно да бидеме горди на фактот што после долги години говориме за последователен економски раст. Денес имаме реални инвестиции, а не трансфери кои завршуваа за исплати на плати. Денес имаме држава што инвестира и Влада што знае што прави, затоа што за оваа Влада зборот навистина има тежина“, истакна Петкоска.
Во своето излагање, пратеничката Петкоска истакна дека ќе се задржи на делот од Буџетот за следната година, што се однесува на растот и развојот на македонскиот туризам.
„Во Буџетот за 2026 година туризмот добива 32 милиони 260 илјади денари повеќе, за промоција и поддршка на културата и туризмот. Секако, средствата за туризам сè уште не се доволни, но сепак, зголемувањето на средствата е охрабрувачки правец во интерес на целокупниот македонски туризам“, рече Петкоска.
Таа додаде дека туризмот никогаш не стои сам, посочувајќи дека тука се патиштата, културата, дигитализацијата и општинскиот развој, се неговата вистинска инфраструктура.
„Па така од огромна важност е да се напомни дека имаме 40,5 милијарди денари капитални инвестиции за 2026 година, средства во кои спаѓаат патна и комунална инфраструктура, железничка инфраструктура, поддршка на општините, културна заштита и т.н. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка, директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи туризмот е резултат на инвестиции во инфраструктурата“, подвлече Петкоска.