Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, во рамки на неговата официјална посета на Македонија и Армијата, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
По пречекот со високи воени почести, генералот Најт оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, а на истата присуствуваше и амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер.

Мисајловски изрази благодарност за досегашниот ангажман и личниот придонес на генералот Најт, осврнувајќи се на тридецениското партнерство и соработка помеѓу Армијата на Македонија и Националната гарда на Вермонт.
-Заедно ја унапредивме интероперабилноста, програмите за обука и подготвеноста, кои се клучни елементи на нашата заедничка посветеност на мирот и безбедноста. Ми беше привилегија да работам со вас, рече Мисајловски и додаде дека под водство на генералот Најт „соработката меѓу Националната гарда на Вермонт и нашата Армија, преку која реализиравме бројни активности – учества во мировни операции, заеднички вежби, обуки и едукација на персоналот – не само што продолжи, туку стана посилна, подлабока и позначајна.“

Генералот Лафчиски во оваа прилика му се заблагодари на генералот Најт за долгогодишната соработка.
-Вие сте еден од ретките кои дадоа поддршка на сите единици во Армијата, а вашата работа е препознаена и високо ценета кај нас, истакна Лафчиски.
Дополнително, генералот Лафчиски ја потенцираше досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно унапредување, особено во развојот на АП „Криволак“, заедничката обука на персоналот на Армијата со Националната гарда на Вермонт и учеството на меѓународни вежби.
Генералот Најт истакна дека за него ова партнерство претставува „навистина извонредно искуство“, додавајќи дека напредокот, заедничките постигнувања и професионализмот прикажан со текот на годините „се навистина впечатливи и вредни за признание“. Тој се заблагодари за гостопримството, колегијалноста и пријателството меѓу Армијата и Националната гарда на Вермонт.

Во знак на благодарност за успешната соработка, како и поради завршување на мандатот на генералот Најт, во Генералштабот на Армијата беше организирана церемонија на која министерот Мисајловски и генералот Лафчиски, на командантот на НГ на Вермонт му доделија пригодни подароци. Во оваа прилика за остварени особени резултати и достигнувања во координацијата и соработката со Армијата на Македонија, генералот Лафчиски му додели златна значка за партнерство на потполковник Патрик Енрикез, за време на неговата служба во Канцеларијата за одбранбена соработка со САД во нашата држава, која ја извршуваше во период 2017-2020 година.
На завршетокот на официјалната церемонија, генералот Лафчиски од страна на генералот Најт беше одликуван со Медал за истакната служба на Националната гарда на Вермот, одликување кое се доделува за извонредна и витална поддршка на Програмата за државно партнерство со САД. При ова генералот Најт ги истакна лидерството и експертизата на генералот Лафчиски, кои имаат директно позитивно влијание врз напорите на Македонија во постигнување на НАТО целите како ценет партнер.

По активностите во Генералштабот и Министерството за одбрана, командантот на Националната гарда на Вермонт во текот на денот ќе оствари средба и со претседателката на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова.
Во текот на утрешниот ден, генералот Најт ќе ја посети Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, каде се предвидени средби со раководството на оваа високообразовна институција.
Во рамките на петдневната официјална посета, која започна на 07.12.2025 година, генералот Најт во текот на вчерашниот ден оствари и средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.