Продолжни кабли се наоѓаат во речиси секое домаќинство, но нивната неправилна употреба може да претставува сериозна опасност од пожар.
Експертот за енергетска ефикасност, Гордон Волис, од Your NRG, предупредува дека апаратите со голема моќност никогаш не треба да се вклучуваат во продолжни кабли, без оглед на практичноста.
-Продолжните кабли имаат свое место во домот, но важно е да се разберат нивните ограничувања. Тие се дизајнирани за привремена употреба со мала потрошувачка на енергија, а не како трајно решение за работа на тешки апарати. Нивната злоупотреба не само што може да доведе до енергетска неефикасност, туку може да претставува и сериозен ризик од пожар, рече тој.
Меѓу уредите што никогаш не треба да ги поврзувате со продолжни кабли се малите кујнски апарати како што се фритези и микробранови печки, но и поголемите апарати за домаќинство како што се машини за перење и фрижидери. Сите тие бараат значителна количина на енергија.
-Поврзувањето на овие уреди со продолжен кабел може да го преоптовари струјното коло, да предизвика прегревање, а во некои случаи и искри или пожари. Од гледна точка на одржливост, исто така губите енергија поради неефикасност во испораката на енергија, предупредува експертот.
Уште поризична практика е вклучувањето на еден продолжен кабел во друг. Валис нагласува дека ова драматично ја зголемува можноста за преоптоварување.
-Можеби изгледа безопасно да се врзуваат продолжни кабли или да се користат за напојување на фрижидер или замрзнувач, но тоа е една од најопасните навики во домот. Овие апарати се вклучуваат и исклучуваат во текот на денот, создавајќи ненадејни пренапони што многу продолжни кабли едноставно не можат да ги поднесат, додаде тој.
Ако домот нема штекер на местото кое ви одговара, Валис советува да се бара трајно и енергетски поефикасно решение.
-Ако се потпирате на продолжни кабли затоа што немате доволно штекери, побезбедно и поодржливо решение е да се консултирате со квалификуван електричар за да инсталира дополнителни штекери“, рече тој.
Според него, тоа е мала инвестиција што може значително да го намали ризикот од пожар и да ја подобри енергетската ефикасност на домот.