Ракометарите на Е.Пелистер експресно им се вратија на победите во домашниот шампионат, и по ремито со Алкалоид во претходното коло, вечерва во својот дом славеа рутинска победа на Струга со резултат 22-42.
Натпреварот како домаќин во Битола го одигра струшкиот тим, кој вторпат во два месеци со наведната глава заминува од спортската сала „Боро Чурлевски“.
Прв стрелец во таборот на победничкиот тим беше Петар Атанасијевиќ со единаесет гола, а Кузмановски застана на шест погодоци. Кај Струга прв стрелец беше Атанасовски со девет гола. Стручниот штаб на битолчани им даде слободно попладне на Хаидарирад, Абутовиќ, Манасков, Радивојевиќ, Хосни и Пешевски.
Во следното коло Еурофарм Пелистер е пред најголемиот предизвик оваа сезона, затоа што во Битола гостува лидерот Вардар, кој досега е без ниту еден кикс и има максимален број на бодови. Натпреварот меѓу „вечните“ ривали се игра в среда на 10 декември.