Човечка скулптура која прикажува починато лице со зашиена уста е едно од најновите археолошки откритија пронајдено во локалитетот Сајбурч, во Шанлурфа, на југоистокот на Туркије. Таа е дел од 30-те целосно нови пронајдоци што нудат увид во животот пред 12 илјади години, кои беа претставени на одбележувањето на петгодишнината од проектот „Таш Тепелер“. Најновата откриена скулптура е еден од највпечатливите артефакти кои беа изложени во Центарот за посетители во Карахантепе, и иако се смета за вознемирувачка, таа дава солиден увид во древните ритуали. И во другите региони во Шанлурфа археолозите дојдоа до нови откритија, како што се парот човечки лица во Сефертепе, изработени во релјеф, и дволичниот бисер од црн серпентинит, неолитска изработка која има дупка на средината, а од двете страни е гравирана со човечки лица.
Проектот „Таш Тепелер“ опфаќа вкупно 12 неолитски населби. Покрај Гобеклитепе и Карахантепе, се истражуваат и Сајбурч, Сефертепе, Харбетсуван, Чакмактепе, Јенимахале, Согут Тарласи, Мендиктепе, Јогунбурч, Гурџутепе, како и новопроучуваниот Ајанлар Хојук, кои упатуваат дека треба да се преиспита периодот на неолитот.
Министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој, на настанот по повод петгодишнината изјави дека овие населби отвораат нови хоризонти во светската историја. Тие откриваат дека во Анадолија пред 12 илјади години постоеле густо населени
заедници, што говори дека општествената организација постоела многу порано во однос на претходно прифатените претпоставки. Според Ерсој, Таш Тепелер има потенцијал да стане „неолитска престолнина на светот“, поради новите наоди кои ги менуваат
претходните гледишта. Односно, ако сѐ досега се сметаше дека преминот од номадски начин на живот (ловци и собирачи) кон постојани населби бил постепен, сега се осознава дека луѓето многу порано имале сложени заедници и општествена поставеност.
Проектот „Таш Тепелер“ се истражува од голем број експерти, или прецизно, на него ископувања се вршат од 36 академски институции, од кои турски се 15, а меѓународни се 21, со вкупно 219 истражувачи кои работат паралелно на сите 12 локалитети. Се вршат и обемни конзерваторски активности, под покровителство на Министерството за култура и туризам. Завршена е реставрацијата на Лавовската структура и на Структурата C во Гобеклитепе, во Карахантепе се работи на Структурата AD, а во Сајбурч се реставрира станбена градба од неолитскиот период. Туркије вложува и во инфраструктурата на овој проект. Во финална фаза се новиот Центар за посетители во Гобеклитепе, како и Истражувачкиот центар во Карахантепе, кој ќе биде опремен за археометриски анализи.
Овој проект влегува во својата шеста година, а неговите локалитети фрлаат нова светлина врз досегашните историски поимања за тоа колку е стара цивилизацијата.