Жан Тосев од АК „Струмица“, припадник на Армијата, со 7.304 бода од истрчани 11 од вкупно 13 трки е прворангиран во Македонската тркачка лига за 2025 година. Признанието му беше врачено денеска во Театарот во Кавадарци на свеченоста која за првпат годинава ја организира „Меридиан“ Атлетски клуб од Кавадарци во соработка со останатите атлетски клубови од Македонија, а со поддршка од Општина Кавадарци.
На второто место со истрчани 10 трки и освоени 6.532 бода е Грироријан Никовски од АК „Делта“ од Скопје. На третото место е рангиран Роберто Димитриевски од АК „Велес“ од Велес со истрчани 12 од вкупно 13 трки и освоени 6.184 поени.
Кај жените најдобро рангирана е Мирјана Ристиќ од АК „Делта “ од Скопје со освоени 8.180 бода на 10 од вкупно 13 организирани трки на Македонската тркачка лига за 2025. Второ рангирана е Адријана Поп Арсова од АК „Делта“ со 6.332 бода освоени со учество на 7 од вкупно 13 трки во лигата. Трето рангирана е Теа Божиновска од АК „Скопски Маратон“ со освоени 5.658 бода со учество на 7 од вкупно 13 трки годинава.
Воедно беа прогласени и најдобрите во повеќе возрасни категории, а најстарата беше над 70 години и сите најдобри добија признанија.
Годинава во Македонската тркачка лига се одржаа 13 атлетски трки од кои првата на 9 март беше Кавадерчкиот полумартон, а последната November Run се одржа на 15 ноември во Гевгелија.
Во рамките на Македонската тркачка лига 2025 се одржа и следните трки: Шри Чин мој маратон, Semos education run, Superior runs, Халк Еко Скопје трча 10к, Зегин Спектратон, Охрид трчат, Трчаме за Рацин, Че Трчаме, KRUN, Трчај бе и Визер Скопски маратон.
Организаторите од „Меридијан“ Атлетски клуб од Кавадарци најавија дека првата трка од Македонската тркачка лига за 2026 година ќе се одржи на 8 март во Кавадарци.
Тие појаснија дека резултатите на учесниците во трките од Македонската тркачка лига автоматски стануваат дел од лигата и влегуваат во ранг листата каде се бодуваат според вредноста на резултатот од таблицата на Светска атлетика.