На 27 ноември (четврток), со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот Културно-информативен центар во Софија ќе се одржи настанот Книжевен портрет на Јулијана Величковска по повод наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 г. На него ќе биде претставено севкупното книжевно творештво на Јулијана Величковска, со особен фокус на стихозбирката „Рајсфершлус“ (2024, ПНВ Публикации) за која ја освои најзначајната национална награда за поезија „Браќа Миладиновци“ за 2025 г. што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.
За литературното дело на македонската писателка Јулијана Величковска ќе говорат: проф. д-р Зоран Пејковски – директор на Македонскиот КИЦ во Софија и д-р Поли Муканова – бугарска поетеса и универзитетски професор.
Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали.
Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на европската платформа за поезија „Версополис“.
Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024, 2025 ‒ 2. изд.), за која ја освои наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 г. што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“; „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010); на романот „Годишни времиња“ (2014, 2015 ‒ 2. изд., 2019 ‒ 3. изд и 2022 ‒ 4. изд.); на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022, 2023 ‒ 2. изд.), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на Меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“; авторка е и на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009), а заедно со Славе Ѓорѓо Димоски ја приреди и „Самодиви – панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (2023). Таа е авторка и на четириесетина книжевни преводи на македонски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесет светски јазици. Нејзин избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ (“Expecting Lions”) наскоро ќе излезе од печат во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска. Нејзината книга за деца „Ведра“ е преведена на азербејџански (МДизајн, 2025), избор песни под насловот „Кутија на стравот“ исто така беше преведен на азербејџански јазик (Зардаби, 2024). Нејзиниот роман „Годишни времиња“ е преведен на бугарски јазик (Ерго, 2017). Нејзини песни и куси раскази се застапени во бројни антологии во земјата и во странство. Била поканета да учествува на бројни книжевни настани и фестивали во Европа и во Азија.
Поли Муканова е поетеса, преведувач, универзитетски професор, родена во Софијa. Предава историја на книгата и библиотеките, теорија на читањето и библиофилство на Универзитетот за библиотечно познавање и информатички технологии во Софија. Пишува поезија и кратка проза. Автор е на шест книги со фикција и две научни монографии. Од 2010 година е уредник на литературната веб-страница и издавачка куќа „Сбориште на трубадур“. Нејзини стихови се препеани на девет јазици. Во март, 2024 година го спроведува првиот курс во Бугарија по креативно пишување за библиотекари, на којшто учествуваат Аксинија Михајлова, Владимир Левчев и Лидија Димковска. Истата година, Поли Муканова, била единствената официјална учесничка на СВП од Бугарија.
Нејзините поетски книги „Мигови во кибритна кутија“ (2009), „Школките имаат два дела“ (2015) и „Патот за Гвадалахара“ (2025) се преведени и објавени на македонски јазик.
Преведувач е на романот „Годишни времиња“ од Јулијана Величковка на бугарски јазик (издавачка куќа ЕРГО, 2017 г.).