Машката кошаркарска репрезентација на Македонија во четврток со дуелот против Азербејџан, ги почнува квалификациите за Евробаскетот 2029 година.
Македонија ќе настапи без Ненад Димитријевиќ, но по подолго време во националниот тим се враќа Андреј Јакимовски. Поради обврски во САД, Јакимовски не можеше да одговори на претходните собири. Враќање во Европа во тимот на италијанскиот Тренто, сега значи и можност за Јакимовски пак да игра за црвено-жолтите.
„Задоволство ми е повторно да бидам со репрезентацијата, како што знаете по одреден период конечно сум тука, и сакам да помогнам. Сакам да почнеме од некаде, ни следат два важни мечеви во претквалификациите за Европското првенство“ – вели Јакимовски по првиот одработен тренинг со репрезентативните колеги во СРЦ „Кале“.
Повратникот во нашата најдобра селекција зрачи со оптимизам во пресрет на првите предизвици, дуелите со Азербејџан во Скопје, и со Ирска во Даблин, три дена подоцна:
„Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите и целата јавност да дојде да ни даде поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидемее дел од Европското првенство во 2029 година. Поради оправдани причини во изминатите години не можев да бидам тука, но сега сум во Европа. и исправен сум, спремен да помогнам на репрезентацијата, на тимот и на селекторот“ – порачува еден од нашите најголем адути во оваа претквалификациска трка.