Израелскиот фудбалер Сагив Јехезкел, кој настапува за турскиот прволигаш Анталија и кој беше приведен во неделата поради поттикнување омраза, е пуштен денеска на слобода, јави новинската агенција ДХА – Спорт.
Турската полиција го приведе Јехезкел и го испрашуваше денеска поради пораката која ја покажа испишана на завој на левата рака за време на вчерашниот прволигашки натпревар, а која алудираше на 100 денови од нападот на Хамас врз Израел, извршен на 7 октомври.
Турскиот министер за правда Јилмаз Тунк рече дека обвинителите го испрашуваат Јехезкел под обвинение за „поттикнување омраза и непријателство“, бидејќи покажа порака на која беше напишано „100 денови, 7.10“, со која го одбележа масакрот извршен од палестински Хамас на југот на Израел и почетокот на војната во Појасот Газа.
Израелскиот фудбалер ја покажа пораката откако постигна гол за Анталија во дуелот против Трабзонспор.
Паралелно со ова, израелското Министерство за одбрана ги обвини денеска властите во Анкара дека служат како „де факто продолжена рака на Хамас“, потсетувајќи, притоа, на израелската помош во санирање од последиците на ланскиот катастрофален земјотрес во Турција, нарекувајќи го чинот на приведувањето на Јехезкел „лицемерие и неблагодарност“. (МИА)