Македонија

Пет години од смртта на Љубисав Иванов – Ѕинго

Пет години од смртта на Љубисав Иванов – Ѕинго

На 17 ноевмри во 2020 година, во 84. година од животот почина Љубисав Иванов – Ѕинго, политичар, 25 години претседател на Социјалистичката партија на Македонија и пратеник со долгогодишен стаж во Собранието.

Завршил Рударско-геолошки факултет и беше генерален директор на Рударско-геолошкиот комбинат „Силекс“ – Кратово. Остваруваше исклучително богата стопанска и политичка кариера. Од својата работна организација создаде исклучително богата компанија со разновидни дејности, почнувајќи од неметали до туризам и медиумската сфера.

Со широко распространетите активности на комбинатот и посветеноста на развојот на градот и неговите жители, „Силекс“ своевремено стана добитник на највисокото признание на бившата СФРЈ – наградата АВНОЈ.

Тој беше поранешен претседател на Фудбалскиот Сојуз на Македонија (1993-1999), долгогодишен истакнат фудбалски работник, прв човек на ФК Силекс и почесен претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Под негово водство, Фудбалскиот сојуз на Македонија стана полноправен член на најважните фудбалски организации, ФИФА и УЕФА.

Како претседател на ФСМ ја предводеше македонската делегација и нашиот национален состав на првиот официјален натпревар на А репрезентацијата на Македонија во Крањ, Словенија во 1993 година. Роден е во 1936 година во Трновец, Кратовско.

To top