Кошарка

Ашаданов: Девојките покажаа карактер на овој меч

Ашаданов: Девојките покажаа карактер на овој меч

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија по воведната победа над Данска го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство откако загуби на домашен терен од Грција со 84-101.

Избраничките на Ашаданов имаа сила само за една четвртина против фаворитот откако одиграа одлични 10 минути по кои резултатот беше 23-23.

Сепак, следуваше голем пад во вториот период па грчките кошаркарки на полувреме заминаа со предност од 39-59. Во вториот дел Грција рутински го приведе мечот до самиот крај за конечен триумф од 84-101.

По мечот селекторот Александар Ашаданов даде свој осврт.

„Најпрво, сакам да и честитам на мојата екипа која покажа голем карактер, особено во третата четвртина кога тргна да се враќа од длабок минус и ниту еднаш не се предаде. Исто така честитки и до оваа публика, и се надевам дека ќе биде така, и ќе има се повеќе народ на трибините, како и за малите девојчиња кои добиваат шанса и во играчите гледаат идоли. Ни следи сега дуел со Хрватска, тие славеа над Грција, но загубија од Данска. Ништо не е решено, ќе играме максимално, па зошто да не успееме до изненадување и да дојдеме до скор 2-1? Овој тим веќе трет циклус е заедно, младите растат, посебно во умот, дека може да играат со сите и дека нема предавање на секој меч. Горд сум и чест ми е што сите дем онстрираа такво нешто на стартните два меча на домашен терен“, изјави Ашаданов.

To top