Дербито на 5.коло од Првата женска одбојкарска лига им припадна на одбојкарките на Наковски Волеј кои со 3:0 (25:19, 25:23, 25:18) славеа над шампионот Јанта Волеј. Македонските претставници во европските клупски купови понудија интересен натпревар, во кој домаќинот беше поконкретен и подисциплиниран во теренот. Пред својата публика струмичанки стигнаа до важни три бода, со кои истовремено ја продолжуваат и победничката низа во домашното првенство. За одбојкарките на Јанта, пак, ова е прв пораз во шампионатот сезонава.
Вардар ЕМ, пак, оствари значајна победа од 3:2 на гостински терен над Струмица Жени. „Црвено-црните“ имаа негатива од 0:2, но најдоа начин како да одговорат на играта на противникот и тоа во моментите кога беше најпотребно и со пресврт и на разлика 16:14, стигнаа до втората победа сезонава.
Втора победа во низа запишаа Газели Волеј во соочувањето со градскиот ривал Фит Фан Волеј, 3:0, со која фаќаат победнички ритам.
Младост УГД немаше проблеми во мечот против Ускана.
Петтото коло кај дамите ќе биде заокружено утре кога се соочуваат Работнички Скопје и Пелистер Волеј.