Кошарка

Атаман: Разочаран сум од Ти-Џеј Шортс

Атаман: Разочаран сум од Ти-Џеј Шортс

Тренерот на Панатинакос Ергин Атаман, отворено проговори за моменталната форма на плејмејкерот Ти-Џеј Шортс, кој сè уште не ја пронајде својата вистинска игра во дресот на атинскиот клуб.

По убедливиот пораз од Црвена Звезда со 86-68 во натпревар од Евролигата, турскиот стратег јавно ја изрази својата загриженост за придонесот на американскиот кошаркар кој поседува македонски пасош и е наш репрезентативец.

Сепак, неговата авантура во Атина засега не го следи истиот тек. Во првите девет натпревари сезонава, Американецот има просек од само 6,1 поен и 2,7 асистенции за околу 15 минути на терен. Овие бројки се далеку под очекувањата и потенцијалот кој го покажа минатата година, а токму тоа предизвика реакција кај тренерот Атаман.

„Морам да бидам искрен, засега не сум задоволен од неговите настапи. Можеби има и наша вина, можеби има и негова, но резултатот е јасен – не ја добивме играта што ја очекувавме од него. Сепак, верувам дека ќе го пронајде вистинскиот ритам и дека ќе ни помогне во продолжението од сезоната,“ изјави Атаман по натпреварот во Белград.

To top