„Повеќе од игра“ е претстава со која вечерва гостува Београдско драмско позориште. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата држава. Режисер е Иван Вуковиќ. Адаптацијата ја направил Ѓорѓе Косиќ, сценографијата Марија Калабиќ. Костимограф на претставата е Драгица Лаушевиќ. Композитор на музиката е Ирена Поповиќ-Драговиќ, а на сценските движења работеше Маја Калафатиќ. Со актерската екипа за сценскиот говор работеше Ѓорѓе Марковиќ.
Во четитите часа колку што трае вечерашнава претстава, на сцената ќе играат 23 актери и тројца музичари. Во овој сценски спектакл улогите им се доверени на актерите: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ. Музичари во претставата се: Иван Мирковиќ (хармоника); Никола Драговиќ (виолина); Александар Јован Крстиќ (саксофон).
Во театарската белешка за оваа претстава работена по сценариото на Слободан Стојановиќ, за него и неговото сценарио Ѓорѓе Косиќ , правејќи ја адаптација за претставата „Повеќе од игра“ пушува дека: „Слободан Стојановиќ ја поседува авторската дарба за креирање на нагласено живописни целосни ликови. Секој негов јунак, дури и оние кои лесно би ги именувале како здодевни чиновници или сурови полицајци, ја добиваат човечката димензија и стануваат блиски и разбирливи. Ваквиот пристап е препознатлив за Стојановиќ. Тоа е белег на целиот негов сценаристички опус во 70тите и 80те години од минатиот век, кога пишуваше сценарија за едни од најгледаните телевизиски серии во поранешна Југославија. Тој умееше своето имагинарно мало градче, што го нарече „Градина“, во серијата „Повеќе од игра“, да ни го претстави како вистинска заедница на сожители, место во кое – наспроти сите разлики и судири – сограѓаните остануваат меѓусебно поврзани и емпатични.
Авторовата поетика, атипична за овие простори е исчистена од цинизмот и од иронијата, додека хуморот произлегува од апсурдот на секојдневните случки, кои секако не ја исклучуваат убавината на животот во малите градчиња“.
Режисерот Иван Вуковиќ на денешната прес конференција истакна дека: „Претставата „Повеќе од игра“ е исклучителен драматуршки предизвик, имајќи го предвид и нејзиниот длабок траг во филмската и во популарната култура на нашиот простор. Беше нужно оригиналното сценарио внимателно да се преобликува во три засебни претстави кои можат да функционираат сосема независно, ама и да создаваат обмислена целина, кога се гледаат заедно. Во текот на адаптацијата, настојувавме да ја дочуваме поетиката на Стојановиќ. Има места кои нужно требаше да се допишат и ние како автори ги аплициравме сегментите од неговиот опус – на пример, во дефинирање на женските ликови или во третиот дел од претставата, втемелен врз недовршеното сценарио на Стојановиќ“.
Режисерот Вуковиќ истакна дека процесот на создавање на претставата бил исклучително возбудлив поради фактот што за прв пат експериментирал со режирање по сценарио од телевизиска серија и испириран од ентузијазмот на актерската игра на ансамблот што бил во иста линија на неговото режисерско видување, создале „претстава во три продолжетоци“.
Вечерва на фестивалот РУТА во Драмски театар публиката ќе може да ужива во компресираната верзија на претстава која како целина ќе биде заокружена на 4 часа играње со пауза.