Историскиот англиски фудбалски клуб Шефилд Венздеј официјално прогласи банкрот и влезе во процес на администрација, потврдија британските медиуми. Овој потег носи автоматска казна од минус 12 поени, со што клубот се најде во исклучително тешка ситуација во Чемпионшип лигата.
Причината за колапсот се натрупаните долгови, неисплатените плати и финансиското расипништво под водство на сопственикот Дејфон Чансири, кој со години е под силен притисок од навивачите. Администрацијата ќе ја преземе компанијата Begbies Traynor, чија задача ќе биде да најде нов инвеститор и да го стабилизира клубот.
„Ова е тежок ден за сите кои го сакаат клубот, но мора да гледаме напред. Нашата цел е да ја заштитиме историјата на Шефилд Венздеј и да обезбедиме негова иднина,“ изјавија од привремениот управен тим.
Со одземањето на 12 поени, клубот моментално се наоѓа на –6 бодови, што значително ги намалува шансите да остане во втората англиска лига. Навивачите најавуваат протести и апелираат на обединување за спас на клубот, кој постои веќе 158 години и е еден од најстарите во светот.
Според медиумите, постојат неколку потенцијални инвеститори заинтересирани за купување на клубот, но процесот ќе трае најмалку неколку недели.