Да постои вистинска и здрава конкуренција, не би биле држава во која домаќинствата плаќаат најскапа струја во регионот. А дека плаќаме најскапо, во своите анализи потврди и европската статистика. Затоа експертите се согласни дека треба и тоа како да има конкуренција при изборот на Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Во сета оваа борба и конкуренција, на крај најголем интерес имаат крајните потрошувачите. Граѓаните како најранлива категорија треба да добијат пониски цени на струјата, а не да бидат оставени во рацете на монопол кој е премногу комотен и на кого единствена цел му е профитот.
Кај некои земји од регионот на пример, граѓаните дури имаат и избор од која компанија ќе добијат електрична енергија. Во Бугарија граѓаните се снабдуваат од три компании кои се поделени по региони. „ЦЕЗ Бугарија“ ги снабдува граѓаните во западна Бугарија, „Енерго-Про“ во североисточниот дел на земјата, а „ЕВН“ ги снабдува со енергија граѓаните во југоисточна Бугарија.
Хрватска има вкупно седум компании што се снабдувачи со струја и меѓу нив секогаш има разлика во цената. Словенечкиот пазар е целосно либерализиран и има пет компании што имаат лиценци за снабдувачи, што исто така влијае позитивно врз понудата, односно граѓаните добиваат пониски сметки.
Во Македонија граѓаните се на регулираниот пазар, односно електрична енергија добиваат од Универзалниот снабдувач, затоа од исклучително значење е да има вистинска, а не привидна конкуренција при изборот на компанија која ќе понуди најниска профитна маржа.
До утре е крајниот рок до кога компаниите може да аплицираат. Според досегашните информации во јавноста, на тендерот ќе учествува досегашниот универзален снабдувач „ЕВН хоум, ЕСМ продажба, а во игра ќе влезе и ЕДС која најави дека на јавниот повик ќе понуди најниска профитна маржа.
Според правилата, тендерот треба да го добие компанија која ќе понуди најниска маржа. Но дали навистина ќе се „игра“ по законските правила или ќе „заигра“ бизнис интересот на сметка на граѓанскиот интерес ќе се знае по 12- ти јануари, до кога и трае и јавниот повик. Новиот снабдувач улогата на Универзален снабдувач треба да ја преземе во јуни.
Инаку, овој месец треба да се одржи и јавна расправа за новиот Закон за енергетика, кој предвидува отворање на пазарот за електрична енергија и воведување конкуренција меѓу различни понудувачи. На јавната расправа треба да се донесе заклучок дали може да се очекува новиот закон да ја зголеми конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, а со тоа да поттикне и намалување на цената на електричната енергија.
Ако новиот закон за енергетика овозможи зголемување на бројот на учесници на пазарот на електрична енергија и зголемување на количествата на истргуваат струја, тогаш конкуренцијата помеѓу учесниците на пазарот на електрична енергија ќе предизвика намалување на цената на струјата, појаснуваат експертите.