Соопштение на кандидатот за градоначалник на општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски:
„Изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче каде ја пофали работата и проектите во општина Чучер Сандево, нагласувајќи ги реализираните инвестиции во улици, канализации и други капитални објекти е далеку од реалната ситуација на терен. Тој ја опиша општината како успешна приказна под сегашното раководство и посочи дека проектите се видливи во секое населено место – лага!
Објективните анализи и теренските извештаи укажуваат на поинаква реалност во голем број на делови од општината. Во некои населби и улици сè уште нема воспоставен канализациски систем, при што делови од населението користат автономни решенија или привремени системи за одведување отпадни води.
Постојат документирани случаи на несоодветно собирање и отстранување на комунален отпад: забележани се повеќе од 30 наталожени депонии кои остануваат несобрани со недели (фотографии во прилог). Ваквите работи ја загрозуваат хигиената на сите во општината, носат ризици по јавното здравје и укажуваат на проблеми во логистиката за собирање отпад.
Има извештаи и од граѓани за нееднаква покриеност на услугите во различни населени места, вклучително задоцнувања во одржувањето на патната инфраструктура и нееднаков пристап до јавните сервиси опслужени од локалната самоуправа. Овие наоди укажуваат на потреба од детална ревизија на статусот на проектите и нивната реална имплементација по населените места.
Затоа ПРОМЕНА мора да има – независните податоци и транспарентните извештаи ќе помогнат да се пронајде соодветно решение за идентификуваните проблеми, да се утврди одговорност за неотстранетите депонии и да се постават приоритети согласно со потребите на граѓаните во сите делови на општината. Мојата гаранција за сите наши жители во Чучер Сандево дека во рок од 100 дена целиот отпад ќе биде отстранет и конечно ќе станеме општина за пример. А приказните за добро раководење на општината нека си ги чуваат за себе и за нивниот пропаднат обид да си ја зачуваат фотелјата а не домот.“