Министерот за здравство Азир Алиу денеска ќе ги посети вакциналниот пункт на Одделението за епидемиологија на Центарот за јавно здравје во Гостивар, а потоа и реновираната амбуланта во скопското село Радуша.
Вакцинацијата против сезонски грип почна вчера, а се спроведува на вкупно 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет пункта се во Скопје.
Министерството за здравство информира дека веќе се пријавени 43.000 граѓани на апликацијата vakcinacija.mk, а можноста за пријавување продолжува.
-Министерството годинава набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита на здравјето и очекувам бројката на пријавени лица за вакцинација да расте и во следните денови, порача вчера министерот Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Министерството за здравство информира дека Центрите за јавно здравје низ државава обезбедија 2.400 комерцијални вакцини. Од нив 1.000 дози има во Центарот за јавно здравје-Скопје. Примањето комерцијална вакцина ќе чини 700 денари. (МИА)