По натпреварот во кој не влеговме најдобро, на прес-конференцијата зборуваше селекторот Благоја Милевски
„Да можам би ја сменил стартната формација и дел од играчите. Не бевме изненадени од Казахстан, ама имавме мал број натпревари за анализа. Планот беше да се обидеме да се наметнеме со таа тактика, па поради тоа направивме замени само на полувремето. Во вториот дел изгледавме онака како што требаше да биде. Принудно се решивме со Миовски на странична позиција во нападот, а бргу моравме да корегираме. Доколку не го сменевме системот, ќе морав да правам замена во 15. минута. Во натпреварот влеговме нервозно, тоа беше сигурно резултат и од напорот од мечот со Белгија. Првиот дел мислам дека загубивме доста дуели и „втори“ топки. Реакцијата на играчите во продолжението беше онаква каква што требаше да биде. Сакам да им честитам на фудбалерите за сето она што го докажаа во овие квалификации и секоја чест за секој еден од нив. Со изданието во вториот дел заслуживме да победиме, ама фудбалот е таков каков што е. Казахстан одигра добар натпревар. Покажаа и во Астана дека се квалитетни, но сметам дека бевме поблизу до победата.
Ние имавме интензивни 180 минути во овој октомвриски циклус. Периодот по влегувањето на Трајковски имавме неколку опасни шанси, ама не ги искористивме. Оставивме простор и позади, па можевме да бидеме казнети. Овој резултат донекаде е реален, меѓутоа бевме поблизу до победата. Македонија во второто полувреме беше доста подоминантна. Кога ќе видам дека сите играчи се разочарани, за мене е позитивна слика. Тоа значи дека вредат, дека работат квалитетно и кога некој очекува нешто од вас, значи способни сте да го пружите тоа. Не би рекол дека играчите го потценија Казахстан. Сепак, по такво реми со Белгија јасно беше дека може да има емоционална истрошеност. Едноставно во овие циклуси времето за рекуперација е кратко, немавме ниту два полни дена за одмор. Победата на Белгија во Кардиф беше очекувана. Македонија се уште си го живее сонот, многу веројатно вторпат во историјата ќе играме плеј-оф за СП. Сите овие 14 натпревари на кои сме непоразени официјални се подготовка за март. Во овие натпревари примивме само пет гола, па разочарувањето значеше квалитет. Во Кардиф ќе одиме да уживаме во фудбалот, а ќе видиме што ќе ни донесе тоа“, изјави Милевски.