Мароканскиот крал Мухамед Шести во денешното обраќање пред Парламентот ги повика пратениците да престанат да губат време и да се борат против неправдите во општеството што предизвикаа протести.
– Социјалната правда не е привремен приоритет. Тоа е стратешка насока до која сите мора да се придржуваат и клучна работа што треба да ги регулира нашите мерки за развој. Не треба да има јаз или конкуренција помеѓу големите национални проекти и социјалните програми, бидејќи и двете имаат иста цел: развој на земјата и подобрување на условите за живот на граѓаните каде и да се, посочи кралот Мухамед Шести.
Но, тој директно не го спомна младинското движење „ГенЗ 212“ (GenZ 212), во чија организација од 27 септември се одржуваат протести во Мароко. Протестите почнаа по смртта на осум бремени жени минатиот месец, кои беа примени на царски рез во државна болница во јужниот град Агадир.
„ГенЗ 212“ бара реформи во образованието и здравството, борба против корупцијата и клиентелизмот и создавање на работни места, оставка од премиерот Азиз Ахануш и ослободување на сите притворени од движењето „Генерација З 212“, како и на сите други политички затвореници во Мароко.
Младинското движење е и против преголемите трошоци за изградба на „најголемиот фудбалски стадион во светот“. Мароко ќе биде домаќин на Африканскиот куп на нации на крајот од 2025 година и коорганизатор на Светското првенство во 2030 година заедно со Шпанија и Португалија, поради што почна големи инфраструктурни проекти – изградба на нови стадиони, проширување на мрежата за брзи возови и модернизација на неколку аеродроми.