Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека Анкара активно ќе го следи спроведувањето на новата спогодба за прекин на огнот во Газа како дел од мултинационална работна група што ги вклучува САД, Египет и Катар, пренесе порталот Туркије тудеј.
Фидан вчера во Париз учествуваше на состанок на шефови на дипломатиите од западни и арапски земји, посветен на иднината на Газа.
Во изјавата по средбата, на која присуствуваа министрите за надворешни работи на Турција, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија, Шпанија, Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати и ЕУ, Фидан ја нагласи конструктивната улога на Анкара во мировните напори за Газа.
Израел и палестинското движење Хамас вчера постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници од израелските затвори. Ова е првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на војната во Газа.
Фидан истакна дека духот на соработка создаден со оваа иницијатива може да послужи како модел за решавање и на други регионални конфликти.
Тој додаде дека „не може да се има доверба во израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, но и дека Турција ќе остане оптимист и покрај очекуваните предизвици.