На социјалните мрежи се појави фотографија од Есма Реџепова во младоста. Според напишаното Есма во моментот имала 35 години и е фотографирана со Ханка Палдум.
Токму Ханка се потсети на својата прва средба со легендарната македонска пејачка Есма Реџепова на социјалните мрежи и ги објави најубавите спомени.
-Слика од 1978 година и мојата прва средба со легендарната Есма Реџепова, а потоа во 2004 година заедно ја отпеавме песната „Сараево град“ на мојот солистички концерт во Зетра. Те сака и твојата Ханка, напиша Палдум на својата Фејсбук страница.
Есма Реџепова е родена на 8 август во 1943-та година.
Нарекувана е Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија.
Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината.
Жената со божествениот глас почнувајќи од првите младешки музички успеси стана светски прифатена и призната. Таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.
Почина на 11 декември 2016 година, во Скопје.