Останати спортови

Виз Ер Скопскиот маратон оваа година со рекордни 14.000 учесници

Виз Ер Скопскиот маратон оваа година со рекордни 14.000 учесници

На 5 октомври, улиците на главниот град ќе пулсираат во ритамот на спортот, заедништвото и позитивната енергија. Годинашното 21 издание на Виз Ер Скопски маратон ветува историско рекордно учество со над 14.000 тркачи од 58 земји, што го прави најголемиот спортски настан во државата и еден од водечките во регионот.

Најмасовна, како и претходните години, останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, каде третпат по ред доминираат жените, тренд што покажува колку дамите сè повеќе се вљубуваат во рекреативното трчање. Кај маратонската и полумаратонската трка, пак, традиционално повеќе учествуваат мажи, а оваа година посебно внимание ќе биде насочено кон настапот на најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе се соочи со конкуренцијата од Кенија и Балканот.

Новина е и поместувањето на стартот на трката од 5 км, кој годинава ќе започне кај семафорите кај Црвен Крст на бул. “11 Октомври”, за да се овозможи подобра организација и безбедност. Маратонците, полумаратонците и штафетните тимови ќе стартуваат само неколку минути подоцна, во 8:05 часот.

Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканското и Националното првенство во маратон, што дополнително ја зголемува тежината и престижот на настанот. За атмосферата ќе се погрижат 26 музички точки долж трасата, а на секои 850 метри ќе има освежителни станици со вода, овошје и енергетски продукти за тркачите.

To top