Сведок кој со посебни истражни мерки снимал корумпирани цариници обвинува дека идентитетот му бил откриен – Човекот кој пријавил корупција на Царината и учествувал во посебните истражни мерки за со прикриен идентитет да ги сними цариниците како му бараат и земаат мито во акцијата со кодно име Премин во која беа уапсени 16 цариници, обвинува дека обвинителките го предале и им го откриле неговиот идентитет на најмалку двајца од уапсените, објави Транспаренси интернешнл.
Сведокот камионџија, кој инсистира на анонимност, вели дека со тоа му е загрозена безбедноста, затоа што сега обвинетите знаат кој ги пријавил и кој ги снимил. Тој минатата година пријавил дека цариници постојано му бараат мито, па истражителите му поставиле камери за да го сними барање и давањето мито. Во Обвинителството велат дека процедурите не биле нарушени и оти не е загрозена безбедноста на ниту еден сведок.