Со првата победа на синоќешниот натпревар против ЖКК Подгорица од Црна Гора, кошаркарски клуб Крива Паланка означи одличен старт во меѓународното регионално женско кошаркарско првенство, ВАБА 2 лига, во кое екипата од Североистокот е единствениот македонски претставник.
КК Крива Паланка е домаќин на првиот турнир во првенството на кој учествуваат ЖКК Бановиќи, Босна и Херцеговина, ЖКК Илирија, Љубљана, Словенија и ЖКК Подгорица, Црна Гора.
На турнирот од 16 часот се сретнаа Словенките и Босанките, дуел во кој значително подобри беа ЖКК Илирија, остварувајќи двоцифрена победа, 87: 62. Вечерниот термин беше резервиран за домаќинот, Крива Паланка, кој пред бројната публика од околу 500 навивачи прикажа одлична тимска игра, борбеност и енергичност во нападот и добра одбранбена тактика што го задржа противничкиот табор на само 45 поени реализација, додека паланчанки постигнаа 58 поени.
Во тимот од Крива Паланка доминираше Американката Аби Ниехуес, со 18 поени, 15 скока и 3 асистенции, поддржана од Дежа Грин со 18 , Алексис Пул со 17 и капитенот Михаела Алексовска со 10 поени. Добар учинок прикажаа и младите кошаркарки на Крива Паланка, додека кај противничкиот табор најефикасна беше Бланка Јововиќ со 12 поени.
Денеска продолжуваат натпреварите од овој прв ВАБА 2 турнир во Крива Паланка, точно напладне се среќаваат ЖКК Подгорица и ЖКК Илирија, додека во 15 часот повторно играат домаќините, овојпат против ЖКК Бановиќи, Босна и Херцеговина.