Парламентот на Киргистан со големо мнозинство гласаше за самораспуштање и за одржување предвремени избори на 30 ноември.
Од вкупно 90 пратеници, 84 гласаа за предлогот, што е прв случај во поновата историја на земјата парламентот сам да одлучи да го прекине својот мандат.
Првично изборите беа закажани за ноември 2026 година, но пратениците оценија дека тоа би било само еден и пол месец пред претседателските избори, што би предизвикало дополнителни трошоци и организациски проблеми за изборната комисија.
Киргистан има околу седум милиони жители. Сегашниот состав на парламентот е избран во 2021 година, по сериозна политичка криза што доведе до насилни судири и до оставка на тогашниот претседател Сооронбај Жеенбеков.
Најсилна политичка партија е национално-конзервативната „Ата-Шурт“ со 15 пратеници. Експерти го обвинуваат актуелниот претседател Садир Жапаров дека води сѐ поавторитарна политика.