Е. Пелистер не успеа да ја продолжи добрата домашна форма во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион пред својата публика загуби од ГОГ Гудме 28-31.
Разочараност од резултатот изрази и тренерот Рубен Гарабаја, кој направи анализа на вториот домашен меч сезонава во „Боро Чурлевски“ во кој неговиот тим првпат загуби.
„Можевме да видиме три натпревари во само овој еден. Тргнавме многу добро, ги следевме тактичките замисли на почетокот и тоа работеше. Потоа тие ја сменија средбата, тргнаа со нов напад и почнаа да играат директно со многу ситуации „еден на еден“ и кога беа со човек повеќе тоа направи разлика. Долго време ни требаше да се навикнеме на таквата игра. Ги заборавивме нашите тактички движења и потоа доцна се разбудивме и сфативме дека моравме посилно да се браниме. Кога го разбравме тоа, веќе беше доцна. Имаме два натпревари до следниот меч во Лигата на шампионите. Сепак, не можеме да запреме бидејќи имаме два тешки домашни меча. Жалам што имаме неколку врзани многу важни средби во Суперлигата, ама таков е календарот“, изјави Гарабаја.
„Зелените“ сега во Лигата на шампионите имаат една победа над Загреб и два порази од ПСЖ и ГОГ Гудме. Следниот меч во елитното друштво на пелистерци им е на 8 октомври на гости кај полскиот тим Висла.