Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков присуствува на Првиот Меѓународен Симпозиум за Теоретска Медитеранска Археологија – Lychnida, кој се одржува во Охрид – Град на УНЕСКО.
Пред многубројните амбасадори, професори, домашни и странски гости, заменик-министерката зборуваше за културното наследство на нашата земја, глобалната соработка и одржливиот развој.
– Културното наследство е жив сведок на нашата историја, на генерациите што пред нас го изградиле и сочувале ова што денес го имаме.
Но, тоа е и мост кон иднината – бидејќи преку почитување и негување на наследството градиме идентитет, доверба и заедништво. Токму ова е и суштината на Европските денови на културното наследство: заеднички да ја почувствуваме и градиме вредноста на различностите, да ја разбереме улогата на културата од европска перспектива и да ја одржуваме жива Гоцевата мисла за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите, порача Трајков.
Заменик-министерката зборуваше и за нашиот бисер Охрид, чија уникатност во 1979 година беше препознаена и од светот преку неговата заштита од страна на УНЕСКО. Охрид не е само град на езерото, туку град на духовноста, на книжевноста, на богатото материјално и нематеријално наследство. Наследство кое не обврзува и задолжува.
– Да се биде дел од Листата на светското наследство е чест, но и голема обврска – обврска за заштита, за одржлив развој и за пренесување на богатството на идните генерации, рече пред присутните заменик-министерката за европски прашања.
Таа на конференцијата зборуваше дека земјава е посветена на европските вредности и стандарди, а членството во Европската Унија значи не само политичка и економска интеграција, туку и активно учество во европската мрежа на културна соработка и меѓусебно почитување.
Овие два јубилеја се потсетник дека културното наследство не е нешто статично – тоа е живо и постојано треба да се надградува и да се збогатува.