Михаел Видерер ќе продолжи да ја води Европската ракометна федерација (ЕХФ) и во наредните четири години, откако беше потврден за претседател на Изборниот конгрес на ЕХФ.
Австриецот беше единствениот кандидат за функцијата, а неговиот избор беше едногласно поддржан од националните федерации членки.
Со ова Видерер официјално ќе го започне својот трет мандат, кој ќе трае до 2029 година.
Видерер првпат беше избран за претседател на ЕХФ во 2016 година на Конгресот во Сент Волфганг, Австрија наследувајќи го тогашниот претседател Жан Брио од Франција.
Пет години подоцна, во 2021 година, на Конгресот во Виена, неговиот мандат беше продолжен, а сега добива и нова доверба за да продолжи со својата работа на чело на федерацијата.
Под водство на Видерер, ЕХФ во изминатите години направи значителен напредок во унапредувањето и развојот на ракометот во Европа. Една од клучните промени беше модернизацијата на Лигата на шампионите, но и зголемувањето на видливоста и атрактивноста на сите европски натпреварувања.
Дополнително, акцент се ставаше на промоцијата на женскиот ракомет, инвестиции во младинските категории и организација на големи првенства во повеќе држави.